Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, на вчерашната прес-конференција за новинарите, најави дека ќе се повлече од националниот тим.
„Ова е мојот последен натпревар во дресот на Македонија. Оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на фудбалот во Македонија и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Им посакувам на овие момци уште многу успеси во иднина и сигурен сум, познавајќи ги нивните квалитети дека уште многу пати во иднина сите ќе не радуваат“, рече Пандев.
Тој рече дека е среќен што се повлекува на ваков начин и им посака на сите негови соиграчи успех да се пласираат на Светското првенство. Пандев верува дека Македонија може да го оствари овој успех затоа што има одлични играчи.
„Среќен сум што сум дел од овој тим, кој направи историја. Едвај чекаме да започне натпреварот против Холандија и да дојдеме до позитивен резултат“, порача Пандев пред денешниот последен натпревар на „црвено – жолтите“ на Европското.
Натпреварот против Холандија ќе биде 122-от за него од неговото деби во националниот дрес во 2001 година против Турција во Бурса.
Пандев ќе се повлече како фудбалер со најмногу настапи за репрезентацијата. Тој е и најдобар стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал со 37 голови, вклучувајќи го и првиот гол на Македонија на Европските првенства против Австрија.
Натпреварот против Холандија ќе се одигра денес со почеток од 18 часот и ќе биде 122. за 37-годишниот Пандев од неговото деби во националниот дрес во 2001 година во мундијалските квалификации против Турција.