Почина архитектот Радован Раѓеновиќ, доајен на модерната и современа архитектура

Денес, на 81-годишна возраст, по кратко боледување, почина архитектот Радован Раѓеновиќ.

Роден е 1940 година во Скопје, каде што и дипломира 1964 година на Архитектонскиот факултет. Постдипломските студии ги заврши на интернационалната школа „Бауцентрум“ во Ротердам, Холандија, во 1972 година.

Раѓеновиќ е автор на многубројни станбени, туристичко-угостителски, деловни, индустриски и меморијални објекти, реализирани во земјата и странство. Беше дел од проектантските бироа „Алумина“, „Мавровопроект“ и „Студио Р“ во Скопје, како и „Технометал“ во Москва, „Будимекс“ во Лавов, Украина. Неговите творби го изразуваат модернистичкиот и современ дух на архитектурата. Меѓу нив се деловниот објект за спортска медицина под Калето во Скопје, хотелот „Електро-Скопје“ во Маврово, Олимпискиот базен во Скопје, „Еуротел“ во Струга“, Споменикот на слободата во Кочани и други, како и хотелскиот комплекс „Запољарје“ во Сочи, Русија, за кој го доби признанието од Сојузот на друштвата на архитектите на Македонија за афирмација на македонската архитектура во странство во 1981/82 година.

Раѓеновиќ доби Повелба за почесен граѓанин на Кочани во чест на изградениот меморијален комплекс „Споменик на слободата“ во Кочани како коавтор со Глигор Чемерски.

Во 2016 година ја доби наградата „ Андреја Дамјанов“ за животно дело и за достигнувања во архитектурата, која ја доделува Асоцијацијата на архитектите на Македонија.

Scroll to Top