Новак Ѓоковиќ го загуби и второто полуфинале, кое го одигра денеска. Светскиот рекет остана без златен медал на овие Летни олимписки игри во Токио.
Во првото полуфинале загуби од Александер Зверев во сингл конкуренцијата. Еден час подоцна излезе на теренот во микс-дабл заедно со својата парнерка Нина Стојановиќ, каде што загубија од Аслан Карацев и Елена Веснина со 7:6 и 7:5.
„Ужасен ден за мене, не знам што да кажам. Ми се распадна играта на првиот меч против Зверев. При резултат 6:1 и 3:2 со брејк предност комплетно ми се распадна играта. Зверев придонесе за такво нешто, сервира феноменално, не грешеше во играта. Но, јас, едноставно, застанав, му оставив простор да ме напаѓа константно. Немав лесни поени на прв сервис, сервисот ми стана исклучително слаб и на вакво ниво тоа скапо се плаќа. Со притисокот што го носат Олимписките игри и настапувањето за својата земја вакви мечеви завршуваат на лош начин. Знаете дека не дојдов одморен и знаете што се случуваше тука изминативе денови со пеколното време. Сѐ она што се случуваше ме исцрпуваше дополнително. Дојдов тука емотивно исцрпен, но дојдов и мотивиран со желба да донесам медал за својата земја. Ќе имам утре две шанси за бронзен медал, се надевам дека една ќе искористам“, изјави Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер утре ќе се бори за бронзен медал.