Возачот на Астон Мартин, четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, е дисквалификуван од второто место на Унгарското ГП, но не поради контроверзите кои ги предизвика со носењето на маичката во знак на поддршка на ЛГБТ заедницата во Унгарија, туку поради проблемите со горивото.
Тој не успеа да им обезбеди на стјуардите еден литар од неговото гориво по завршувањето на трката, процедура која е задолжителна. Тој трката ја заврши со 0,3 литри гориво. Сега Луис Хамилтон е втор, а Карлос Саинс во Ферари се искачи на подиумот на третото место.
Хамилтон сега има 18 поени повеќе од Ферстапен во генерален пласман. Фетел и пред трката доби предупредување од стјуардите, откако ја прекрши процедурата пред трката при интонирањето на химната на домаќинот Унгарија, носејќи маичка со боите на виножито.
Тој маичката ја облече во знак на поддршка за ЛГБТ заедницата. Фетел носеше маичка со порака „Same Love“ (иста љубов), и официјално се оправда дека „заборавил да ја соблече поради дождот“.