(Видео) Марко Пејчиноски го преплива Охридското Езеро за да ги поддржи децата со ретки болести

Пливачот Марко Пејчиноски (15) денеска вторпат го преплива Охридското Езеро за да им даде поддршка на децата со ретки болести. Ова е дел од настанот „Ден на ретките болести“ кој денес се одржува во Охрид и Струга.

Марко својот подвиг го почна утрово во 7 часот, а плива од Охрид до Струга и назад до Охрид. Со Марко и овој пат е неговиот татко и тимот кој постојано го следи и бодри додека тој плива. Пејчиноски кој го привлече вниманието на јавноста пред три лета, кога го преплива Охридското Езеро и покрај инфарктот на нозете.

Активистката Гордана Лолеска, вели дека поддршката што им ја дава Марко, кој и самиот е дете со специфична болест, им значи многу, не само за организациите, туку и на децата кои се соочуваат со тешките предизвици.

„Слоганот на овој настан е Never give up, а тоа е и пораката што Марко ја упатува до децата со ретки болести и нивните семејства. Ова треба да е и порака до институциите, креаторите на политики и оние што носат одлуки дека ние, пациентите и родители на децата со ретки болести, не се откажуваме од нашата борба за правичност на овие лица. Оваа година акцентот се става на воведување неонатален скрининг на новороденчиња кој е исклучително важен за навремено поставување дијагноза и нејзино третирање“, вели Лолеска.

Како дел од настанот, под мотото „Весламе за ретките“, вторпат ќе се одржи и веслачка тура на Црн Дрим во која учествуваат струшки кајакари и поддржувачи на лицата со ретки болести.

Scroll to Top