Билетите за натпреварот Македонија-Германија се распродадоа за четири дена

Билетите за натпреварот Македонија – Германија, кој се игра во квалификациите за Светското првенство 2022 година во Катар, се распродадоа за четири дена. Натпреварот ќе се игра во понеделник, 11 октомври, на националната арена „Тодор Проески“.

„Фудбалската федерација на Македонија пушти во продажба половина од капацитетот на националната арена колку што дозволуваат здравствените протоколи за заштита од коронавирусот. Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и навивачи на македонската репрезентација да ги почитуваат препораките за заштита од вирусот и со фер и коректно навивање да бидат поддршка за Македонија да дојде до вредни бодови и дополнително да се приближиме кон врвот во квалификациската група за СП“, велат од Федерацијата.

Македонија во октомврискиот квалификациски циклус игра два натпревари. Фудбалерите на 8 октомври (петок) ќе играат против Лихтенштајн на гости, а на 11 октомври дома ќе играат со Германија.

Scroll to Top