Македонската фудбалска репрезентација се искачи за 7 места на ФИФА-листата. Промената се случи по двете победи на Македонија овој месец на квалификациите за Светското, па сега фудбалерите на селекторот Благоја Милевски се наоѓаат на 67. позиција.
Македонија ги заврши квалификациите на второто место во групата. Тие месецов ја победија Ерменија со 5:0 и Исланд со 3:1, а на 26 ноември ги очекуваат противниците во баражот за пласман на мундијалот в година во Катар.
Македонија во мај годинава го имаше најдобриот пласман на 62. позиција, на кое дојдоа по сензационалната победа во Германија, но следуваше пад за десет места по настапот на ЕП 2020 и трите нерешени натпревари во низа во септември од мундијалските квалифиакции.
Меѓу најдобрите десет селекции на ФИФА рејтинг-листата има само една промена. Холандија се најде во друштво на првата десеттка, а лидер останува Белгија пред Бразил, Франција, селедуваат: Англија, Аргентина, Италија, Шпанија, Португалија и Данска.
За потсетување, две од 10 најдобри селекции на светот, европскиот првак Италија и поранешниот европски шампион Португалија, се потенцијални противници на Македонија за плејофот за СП.
Од другите потенцијални противници, Шведска е на 18-тото место, Велс е на 19-тото, Русија на 34-тото, Шкотска на 38-тото место од екипите што се носители и се можни ривали на Македонија во баражот за Светското првенство, кое в година ќе се игра во Катар.