Дебелината е минато, а јас сум среќна: јутјуберката Кике Цветче успеа да ослаби 40 килограми и да рекламира костими за капење

Македонската јутјуберка Христина Цветкоска (27), позната како Кике Цветче, за петнаесет месеци ослабе речиси 40 килограми. Таа со своите 23.000 следбеници на „Јутјуб“, ама и преку објави на „Инстаграм“, со месеци споделува како ѝ оди слабеењето. Заедно со нив таа и вежба и готви и ги советува да одат чекор по чекор за да дојдат до целта. Не било лесно додека траел процесот, особено што ја направила најголемата грешка, интензивни вежби, шест пати на ден, кои му направиле шок на организмот.

„Почнав да слабеам лани во октомври, а првата и најбитна причина ми беше здравјето, т.е. превенција да не ми се наруши здравјето. Начинот на живеење што го водев дотогаш беше апсолутно ужасен и знаев дека ако продолжам со истото темпо, ќе си предизвикам здравствени проблеми, кои може да бидат долготрајни. За среќа, успеав навреме да се свестам и не стигнав до степен да си го нарушам здравјето. Токму тој страв беше мотивацијата за мојата трансформација“, вели Христина.

Првин почнала да се храни здраво. Од маргарин и мајонез се откажала целосно и успеала да најде поздрава верзија.

„Наместо мајонез и маргарин, користам намази, како хумус, песто, па дури и нискомаслена урда. Наместо павлаки и помасни јогурти, јадам грчки јогурт со 0 % масленост. Белиот шеќер целосно го исфрлив и го заменив со стевија и други природни извори на шеќер, како мед, сируп од урма, агаве-сируп, протеински крем. Не ми недостига ништо бидејќи никогаш ништо не си забранив“, ни рече таа во разговорот за „Репортер“.

Уште кога почнувала, Кике си поставила цел да го смени начинот на живеење, да се фокусира на балансирана исхрана и да вежба. На почетокот дури и претерала оти вежбала шест пати на ден, секој ден. Од преголемиот напор, но и целосно сменетата исхрана, самата, не сакајќи, си направила проблем.

„Поради преголемиот шок што му го нанесов на организмот, од нездрава на целосно здрава исхрана, ми се покачи мочната киселина. Кога почнав да вежбам, почнав по шест пати на ден, кратки вежби по дваесетина минути. По два месеца вежбање, ми се јави проблем во левото колено и бев принудена да мирувам. Во тој период возев само статичен велосипед дома. Мојата решителност овој пат не ми дозволи да потклекнам и да се откажам. Потоа почнав со ЕМС-тренинзи и до ден-денес вежбам таму, двапати неделно. Се трудам да најдам време за да вметнам и некој домашен тренинг. Извлеков поука дека за каква било промена, треба време, трпение и нега“, ни раскажа во разговорот.

Иако денес вежбањето ѝ оди лесно, имало моменти кога сакала да се откаже. Но, тука била поддршката од околината, а најмногу од сопругот Иван, јутјубер и музичар познат како Иван Ајнштајн.

„Одлуката да почнам со ваквата промена беше моја, меѓутоа поддршката што ја добив беше огромна. Решив јавно да го споделувам мојот процес и на тоа гледав како на еден вид електронски дневник од целиот мој напредок. Потоа тоа прерасна во катче, каде што се шири позитива и мотивација. При секој мој поранешен обид да стекнам здрави навики, Иван безусловно беше тука да ме бодри иако сите тие завршувале неславно. Јас не знам од кај најде сила и овој пат да биде покрај мене од самиот почеток, и не само со поддршка, туку и да ги прифати тие здрави навики“, вели Кике.

Уште пред да ослаби, Кике стана заштитно лице на познат бренд за долна облека и лани сними фотосесија со нивните костими за капење за крупни дами. А кога ослабе, се фотографира во секси долна облека, а ги покажа и стриите за кои вели дека си се нејзини и си ги сака.

„Со фотосесијата сакав да одбележам една година од одлуката да почнам да се грижам за себе и да водам здрав живот. Стриите ги имам уште како тинејџерка и гледам дека колку и да слабеам, тие ќе си останат. Порано се срамев од нив, потоа само ги прифатив, ама сега си ги засакав и затоа сакав и да ги истакнам бидејќи знам дека има многу луѓе што сѐ уште се заглавени во фазата во која се срамат од нив иако е тоа нешто најприродно на човековото тело“, вели Христина.

За сите дами што сакаат да ослабат и да поработат и на физичкиот изглед и на здравјето, има порака: „Здравјето нека ви биде најбитно. Не чекајте да стигнете до степен да треба да ви се забрани нешто и да бидете принудени да слабеете или вежбате. Негувајте го и физичкото и менталното здравје за најдобри резултати. Балансот е навистина златна придобивка“.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top