Рускиот тенисер Андреј Рубљов призна дека бил позитивен на корона кога влегол во Австралија. Петтиот носител на Австралија опен ја изненади јавноста со својата изјава, само неколку дена откако Новак Ѓоковиќ беше депортиран од земјата.
„Мене не ме тестираат бидејќи неодамна го прележав вирусот. Кога летав кон Австралија, сè уште бев позитивен, но нивото на опасност од заразата, или како тоа веќе се нарекува, беше ниско. Ми беше дозволено да влезам во земјата и десет дена бев во карантин“, рекол Рубљов за рускиот „Јуроспорт“.
Тој вели дека ако се тестира, можеби тестот пак ќе покаже дека е позитивен.
„Но, сигурно е дека веќе не можам да ја ширам заразата и не сум опасен. Со оглед на тоа што бев заразен повеќе не правам ПЦР-тестови“, додал тој.
Рубљов се спрема да настапи во третото коло, каде што ќе игра против Марин Чилиќ.