Адвокатката Ана Ускова од Русија загинала на денот на Богојавление откога скокнала во замрзнатата река Оредеж во близина на селото Вајра, источно од Санкт Петербург. Таа на Водици скокнала и исчезнала под водата. Полицијата се сомнева дека ја однела силната струја.
Сопругот Јури со децата, кои биле со неа, очајнички се обидувале да ја вратат, но безуспешно. Нејзиното тело до ден-денес не е најдено. Илјадници верници секоја година на овој ден скокаат на ова место. Тие ги занемеруваат советите на експертите да не го прават тоа.
Спасувачите сметаат дека ова место е крајно ризично и дека тука не смеело да се сече мразот. Особено не смее да биде дозволено да се скока во ноќни услови.
Александар Зујев, шеф на спасувачката служба за итни случаи, рече дека Ана нурнала на место каде што немало спасувачи и соодветно осветление во опасна ледена дупка.
Медиумите пренесуваат дека полицијата почнала со истрага за убиство од небрежност.