Милена Антовска: Потешко поминав со второто породување, ама сега уживам со двете ќерки

Водителката Милена Антовска-Станковска на Водици се породи со втора ќерка. Бебето доби име Јоана. Симболично е што и двете деца на Милена се родени на големи празници. Постарата ќерка Лана Марија има четири и пол години и таа е родена на Голема Богородица, а сега на 28 авгусут ќе полни пет години. Иако помина веќе еден месец од породувањето, Милена вели дека колку и да ѝ е напорно со две деца, ужива во мајчинството и во дружбата со двете ќерки.

Втората бременост помина во најдобар ред и без проблеми, но, сепак, породувањето, вели Милена, не поминало толку лесно како што таа очекувала.

 

„Породувањето не помина како што мислев затоа што требаше да биде природно. Сѐ беше во ред, бебето беше наместено како што треба и буквално половина час пред породувањето, тоа се сврте, па итно мораа да ме префрлат во операциона сала на царски рез. Благодарна сум му на целиот тим, кои ми помогнаа да го пребродам стравот. Секогаш ми беше страв од породување со царски рез од причина што потешко оди заздравувањето. Но, сега веќе тоа е зад мене, сите болки, лоши мигови се забораваат и среќна сум со уште една ќерка“, раскажува Милена за „Репортер“. 

Ни откри дека во текот на бременоста немала проблем со килограмите и дека сега, освен она што е природно малку кај стомакот, верува дека бргу ќе се врати на претходната тежина.

„Јас и во првата бременост со Лана Марија не се здебелив и многу бргу се вратив на старата форма. Верувам дека и сега ќе биде така“, искрена е водителката.

Таа ни раскажа дека е среќна и дека добро се снаоѓа со двете ќерки дома. Има помош и од бабите, но и од сопругот Гордан. Па, така, не е сама, барем сега во првиот месец. „Се навикнуваме полека со бебето. Лана Марија сега ќе почне да оди во градинка, па ќе ми биде полесно. Сега за сега е супер, ја вклучувам во сите обврски поврзани за сестра ѝ за да не се почувствува дека некој ѝ го зел местото. Нормално е некогаш да биде љубоморна, но тоа трае кратко. Сака да биде околу Јоана, ми подава пелени, облека за бебето, па така и нејзе ѝ е интересно, а мене ми е од помош“, открива Милена во разговорот за „Репортер“. Ни се пожали дека најтешко ѝ не навечер кога мора да се буди по неколкупати поради бебето, но дека и тоа е една од убавите работи низ кои минуваат мајките со своите деца.

Александра Георгиев

Scroll to Top