Дина Дума ја освои наградата за најдобра режија на 50. филмски фестивал Фест во Белград, за својот дебитантски филм „Сестри“. Наградата ѝ ја врачи актерот Милош Биковиќ, кој беше еден од членовите на жирито.
„Дума вешто ги води младите актери во филмот кој успеа да прераскаже приказна за многу важна тема од нашето време и да отвори дијалог“, велат од меѓународнотo жири, каде освен Биковиќ беа и Тамара Драгичевиќ, Ѓерѓи Радули, Аргирис Пападимитрополус и Тони Гојановиќ.
„Сестри“ имаше светска премиера во август на филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од западот“, а македонската премиера беше на „Браќа Манаки“.
Филмот досега е прикажан на повеќе од 30 фестивали и освои награди во Висбаден и Атина. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, продуцентка е Марија Димитрова, а сценариото го потпишуваат Дума и Мартин Иванов.