Според новата научна студија, фотографиите кои НАСА ги направила во мисијата Нов хоризонт откриле ново изненадување – ледени вулкани на Плутон.
„Пронајдовме поле со големи ледени вулкани кои не личат на ништо друго што сме виделе во Сончевиот Систем“, изјавила научничката Келси Сингер.
Според неа, тоа што овие ледени вулкани ги разликува од останатите во нашиот Сончев Систем е фактот што на врвот немаат калдери (геолошки облици кои вулканите ги создаваат кога ќе се срушат сами од себе), што сугерира дека ледените вулкани би можеле да бидат активни од релативно неодамна.
Регионот Плутон во кој биле пронајдени ледените вулкани се наоѓа југозападно од ледениот покривач Спутник Планити, кој го покрива древниот базен кој се протега на 1.000 километри во пречник, пренесува „Си-ен-ен“.
Двата најголеми ледени вулкани се познати како Рајт Монс и Пикар Монс. Рајт Монс е висок од четири до пет километри и се протега на 150 километри квадратни, додека пак Пикар Монс достигнува околу седум километри висина и 225 километри ширина.
Се смета дека Рајт Монс е сличен на вулканот Мауна Лоа на Хаваите, кој е еден од најголемите вулкани на Земјата.
Леталото Нов хоризонт ја прелетало џуџестата планета и нејзината Месечина во јули 2015 година, а податоците кои тогаш биле собрани сè уште се редефинираат.
Инаку, на Плутон му беше доделен статусот џуџеста планета во 2006 година кога Меѓународната астрономска унија создаде нова дефиниција за планета, а ова небеско тело не одговараше на истите критериуми.
Пронаоѓањето на овие ледени вулкани би можело да сугерира дека подземниот океан на Плутон сè уште постои и дека водата во течна состојба би можела да биде во близина на површината.
Поради тоа што, според мислењето на научниците, оваа џуџеста планета има потопла внатрешност од што претходно се верувало, наодите поставуваат интригантни прашања за потенцијалната населивост на оваа планета.
Истражувањето наречено Large-scale cryovolcanic resurfacing on Pluto е објавено во магазинот Nature Communications.