Браќата Мартин и Стефан од дуото „Некст Тајм“ синоќа во преполното кино „Милениум“ ја промовираа својата најнова песна „Кога падна на Пирин“. Тоа е преработка на стара македонска песна за смртта на Јане Сандански.
На промоцијата дојдоа многу познати пејачи, водители и политичари. Поддршка им дадоа колегите Ламбе Алабаковски, Павле Камиловски, Влатко Лозановски, Тајзи, водителките Ирена Сприовска , Јелена Спенџарска, поранешната мис Вера Мештеровиќ, доктор Владимир Чадиковски, а им дојде и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Музичкиот спот кој претставува еден краток филм за овој историски настан го промовираа на годишнината од убиството на Јане Сандански.
Песната ќе се најде и на нивниот албум кој треба да излезе на лето.
„Имаме уште неколку песни за нашиот албум кој треба да излезе на лето. Ова е уште една од нашите преработки и испадна супер. Јане Сандански е личност која сметаме дека е важна за Македонија и преку оваа песна и спот сакаме да допреме најмногу до младите и да им покажеме колку е важно да знаат за него и за историјата на Македонија“, ни рекоа Мартин и Стефан за „Репортер“.
„Веруваме дека македонскиот дух ќе живее вечно преку оваа песна. Веруваме дека ќе ве направиме горди“, велат браќата на промоцијата.
На спотот како и досега работеше Огнен Шапковски, а аранжманот е на Николче Мицевски. Во спотот се појавуваат и глумците Ненад Нацев, Ана Калачоска, Филип Митрески, Филип Филиповски, Бобан Тодоровски, Стефан Дамјаноски и Даријан Ристоски.
За потсетување, Мартин и Стефан досега ги преработија и старите македонски песни „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам бабо“ и „Јовка Кумановка“.
Текст и фото: Љубиша Владимиров