Актерот Драган Спасов Дац по десет години врска се венча со својата партнерка Весна. Таа го изненади вчеравечер, на неговиот 59. роденден, и на забавата во кафулето „Трибека“ дојде со вел на главата, бурми и матичар, па го побара Дац за маж. Популарниот актер се збуни, но не криеше дека е воодушевен и рече дека го прифаќа нејзиниот предлог за брак.
„Ова може само оваа лудача до мене да ми го направи, браво, сега стварно се потресов“, рече актерот, а видеото од венчавката го објави на Фејсбук.
Видео од свадбата објавија и на Фејсбук. Александар Митевски на полноќ почнува да пее Happy birthday за да му го честита роденденот на Дац, а во исто време меѓу гостите доаѓа Весна со бурмите и матичарот. Таа со помош на сестрата на Дац, нејзината старосватица и Александар Митевски, тајно ја организирала целата венчавка.
„Синоќа во ‘Трибека’ почна со роденден на Дац, а заврши со венчавка… Еве како изгледаше големото изненадување кое му го приредија пријателите. Благодарност и до нашиот драг другар матичар Роки. Нека им е со среќа на Дац и Весна“, стои во видеото.
Слика од венчавката објави и Дац.