Македонската делегација неколку дена е во Торино, а Андреа веќе ја имаше првата проба на Евросонг. Организаторите објавија кратко видео од настапот, Андреа кажа дека е возбудена, а и фановите имаа само пофалби за нејзиното пеење. Сето тоа придонесува за задоволство во тимот, вели за „Репортер“ шефицата на делегацијата Мери Попова, која со нетрпение го очекува настапот на Андреа на 12 мај.
„Морам да признаам дека пред првата проба секогаш меѓу нас постои благ стрес, но, откако заврши пробата, во делегацијата владее едно општо задоволство. Се разбира, имаме уште работа, промени, но подготвеноста на организаторот РАИ ни дава сигурност дека до нашето полуфинале сè ќе изгледа многу подобро“, рече Попова за „Репортер“.
Ни кажа дека Андреа уживала во првата проба, а дека на сцената изгледа одлично.
„Таа е толку моќна и самоуверена во придружба на Ана Петановска и Рената Кралевска, што навистина звучеа извонредно. Знам дека со нетрпение очекува повторно да се качи на сцената, на втората техничка проба“, ни откри Мери.
Освен пробите, во центарот на вниманието на Евросонг се и проблемите што ги имаат организаторите со еден дел од сцената, таканареченото сонце. Но, Попова вели дека тоа нема да влијае на македонскиот настап.
„Мислам дека неможноста за ротирање на ‘сонцето’ непотребно предизвикува реакции. Сцената и без тоа изгледа неверојатно атрактивна. Италијанците се мајстори за естетика, па не се сомневам дека ќе најдат решение за секој евентуален проблем. Во однос на нашиот видеоперформанс, да имавме забелешки, но сметам дека тоа не влијае во толкава мера на вкупниот впечаток. На крајот, сепак е ова сè уште песна на Евровизија“, вели Мери.
Низ разговорот ни откри и дека организаторите се одлични во својата работа, а дека по секоја проба реализацијата е на повисоко ниво од претходно. „Реагираат многу брзо и се навистина се расположени за соработка. Затоа не се сомневам дека трите фестивалски вечери ќе бидат врвно уметничко доживување“, искрена е таа.
Додаде и дека оваа година на Евросонг е многу покомотно споредено со лани, оти се намалени антиковид мерките. И покрај тоа, сите членови на сите делегации се тестираат на 72 часа. Па така, вчера открија дека има позитивен на корона во португалскиот тим.
„Добивме известување за овој случај, но за сега се мерките се постегнати само за португалската делегација. За сите останати остануваат мерките за тестирање на 72 часа, задолжителни маски и останатите редовни протоколи“, вели Мери.
А. Јовановска