Златна бубамара на популарноста во категоријата музички амбасадор ја добива пијанистот Симон Трпчески. Со својата концертна активност ширум светот, Трпчески веќе одамна е музички амбасадор на културата на Македонија, велат од Бубамара.
Неговиот проект „Македонисимо“, премиерно изведен пред пет години на фестивал во Лудвигсбург, Германија, е своевидна музичка посвета на Македонија, на македонската народна музика и на луѓето од Македонија. Овие сплетови од традиционални ора и народни песни во специјална пијанистичка обработка и во нов музички аранжман на сите светски концертни сцени, каде Трпчески редовно ги изведува, се примени со овации и долготрајни аплаузи.
Тој беше дел од Светскиот милениумски натпревар по пијано во Лондон (,,Millenium World Piano Competition London”), во април 2000 година, додека се уште беше студент на ФМУ. Оттогаш наградите постојано се нижат.
Во неговата дводецениска кариера настапувал на најпрестижните концертни сцени во светот и со највлијателните оркестри – од Лондон до Сингапур, од Торонто до Хонг Конг. Снимил 13 албуми за престижни светски музички издавачи, а во неговото портфолио можат да се најдат исклучителни коментари од некои од највлијателните светски музички критичари.