(Видео) Грашо во Скопје: Тука има доволно и вино и музика

Утре, 18 мај, хрватската ѕвезда Петар Грашо ќе одржи голем солистички концерт во Скопје. Концертот е во Арената „Борис Трајковски“ каде ќе ги отпее своите најголеми хитови. Организаторите „Прагма продукција“ најавуваат голем музички спектакл. Тој минатиот месец беше во Скопје, а сега повторно е тука заради претстојниот настап.

Кога е тука, ни откри Грашо тогаш во разговорот, дека едвај чека да седне во кафеана.

„Ма нема нигде како тука. Седнуваш на маса, те чека ајвар, леб, сирење, маслинки, па уште некое добро вино. Оливер Драгојевиќ на времето ми велеше: ‘Кога ќе доаѓаш во Скопје на концерт, дојди два три-дена порано, тука има и вино и музика’“, искрен е Грашо.

Во Скопје беше и сопругата Хана, со која се ожени пред неполн месец. Тоа беше една од најозборуваните свадби во регионот. Хана е ќерка на Тончи Хуљиќ, а Грашо беше 24 години во љубов со Данијела Мартиновиќ со која беа неразделни.„Многу се пишуваше за мене и Хана. Се пишуваше сешто, а некои медиуми не беа фер, но генерално повеќето беа коректни“, раскажува во интервју за „Репортер“, хрватскиот пејач.

И додава: „Сакавме со Хана фатени за рака пеш да се прошетаме низ малите сплитски улички па да дојдеме до црквата и да се венчаме. Се случи токму спротивното. Моравме да дојдеме со три црни автомобили и обезбедување, затоа што имаше 50 новинари“, раскажува Петар Грашо.

Не крие колку е вљубен во Хана, а дека е среќен оти се оженил, па вели: „Бракот е нешто убаво и нешто кое го правиш со човек што го сакаш и со кого сакаш да останеш“.

Далматинец од Сплит кој со часови лови риби и лигњи и не признава добар ручек без шише вино. Грашо е исклучително спонтан и едноставен. Со сто мераци зборува за Трогир, каде во еден залив има куќа покрај море и таму сака со часови да лови риба, да плива, да готви и да пие вино.


„Ќе се качам на мојот брод, мал е, 7 метри, и цел ден можам да го минам со јадицата во раце“, искрен е Грашо.
Освен што е пејач, тој има и кафеана 25 години. „Адријатик“ на Грашо е сврталиште и на сплиќани и на туристите, па оттаму е и угостител, оти кога не е пејач, до утре може да раскажува како се готви.

Несудениот кошаркар, кој иако потпишал договор со „Југопластика“ и требал да замине за Чикаго, Тончи Хуљич го убедил да свири во групата „Магазин“. Каков е Грашо кога не е на сцената, како се спремаат лигњи на два начина, за кумството со Дино Раѓа, дали Тончи го смени односот кон него откако ја ожени ќерка му, за Оливер до чии совети и денес се држи никогаш да не глуми ѕвезда… Гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top