Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски освои златен медал на Европското првенство за мали земји кое викендов се одржа на Малта. Покрај Ивановски, бронзен медал освои и Јован Стојоски.
Ивановски настапи на трката на 5.000 метри и заврши со време од 14:08,99 минути. Тој беше прв на Европското и во 2021 година во Сан Марино, во дисциплината на 3.000 метри.
Стојоски трчаше во две дисциплини. На првата трка, на 100 метри, го освои петтото место со време 10,69 секунди, а на втората трка, на 400 метри, го освои бронзениот медал со време 47,47 секунди.
За потсетување, на Европското првенство за мали земји во Малта настапија атлетичари од вкупно 18 држави: Андора, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Кипар, Грузија, Гибралтар, Исланд, Лихтенштајн, Луксембург, Молдавија, Монако, Црна Гора, Сан Марино, Македонија, Косово и домаќинот Малта.