Тренчева-Ботовача за Каролина: Да ја вреднуваме домашната музика сцена, се гледаме на 1 јули на стадионот на АРМ

Промоцијата на артисти во оваа држава е тешка и деликатна работа, особено ако се работи за оние што се тука години и години, вели Боте, која ја работи оваа работа со љубов и искреност, без разлика на тоа дали ѝ должи објаснување на клупската или естрадната сцена.

„Да не заборавиме, без здрав мејнстрим не постои негов одговор, алтернативна урбана сцена. Некој што го одржува овој баланс е вреден за почит и поздрав. На крајот на денот, искреноста е онаа што ќе нè одржи, љубезноста е таа што ќе нè спаси. Да престанеме со празни муабети и да почнеме да работиме“, вели таа пред концертот на Каролина.

„Растеше и се градеше пред сите нас. Една од ретките што се наметна со својата ненаметливост и суптилност. Исклучително талентирана и посветена. Керол ја познавам повеќе од 20 години и ги паметам сите моменти кога сме седеле заедно, придружени со Џамбаз и други наши пријатели од културниот свет, од музиката. Знае да почитува како никој друг.

Созреваше и се менуваше. Но, не трчаше по трендови, сама ги создаваше. Заедно со својот тим направи нов жанр во македонската музика. Правец што единствено нејзе ѝ лежи. Залудни се обидите за копија од други.

Ги постави темелите на современата поп-македонска музика. Ги спои етното, џезот и забавното, а в петок ќе ни приреди музички времеплов за сите генерации и вкусови.
‘Без оглед на сѐ’, мора сите да ве видам на стадион на АРМ од 21 часот. Затоа што само ‘од нас зависи’ кога е во прашање домашната сцена и колку самите ја вреднуваме. Кога тоа ќе го научиме, тогаш ‘ќе биде сѐ во ред’.

Ова нема да биде музички маратон како во МОБ или Филхармонијата. Имате една шанса, да дојдете и да потонете во квалитетна музика, во море од убави емоции и вибрации. ‘Ајде да летаме’ и да уживаме со брендот што трае повеќе од 30 години, а како старее така е само посовршен. Наша Каролина,“ вели Боте.

Scroll to Top