Македонскиот пливач Марко Пејчиновски на 28 август, за празникот Успение на Пресвета Богородица, ќе плива 64 километри во Охридското Езеро на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид. Со тоа ќе ја заврши целта што си ја постави на почетокот на летото, кога најави 10 препливувања и 250 километри во езерото.
„После 186 километри во девет препливувања, тука сум да го најавам моето последно препливување: Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, или полни 64 километри. Пред 3 години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум, да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го остварам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана. Ова, сакам да ве инспирира и вас, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно, без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот морате да продолжете и не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете свој мотив и остварете ја. Ова препливување ќе е на празникот Голема Богородица. Им благодарам на сите оние кои ме поддржаа“, рече Марко.
Тој годинава прво пливаше од Радожда до Охрид, па Радожда – Градиште, Радожда – Трпејца, Струга – Св. Наум, Струга – Пештани, пливаше од Струга до Градиште, на релацијата Радожда – Трпејца – Градиште, Заум – Охрид и Градиште – Трпејца – Охрид минатиот викенд.