„Славејот од Галичник“ – концерт на „Танец“ и цела музичка елита во чест на Александар Сариевски

„Славејот од Галичник“ е концерт на „Танец“ и пријателите во чест на Александар Сариевски и 100-годишнината од неговото раѓање. Концертот ќе се одржи на 15 спетември со почеток од 20 часот во МОБ .

Станува збор за вокално-инструментален спектакл во чест на неповторливиот глас на македонската народна песна, а на сцената ќе настапи цела македонската изведувачка елита – Сузана Спасовска, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ, Влатко Стефановски, кои заедно со хорот и оркестарот на „Танец“ ќе ги оживеат македонските песни, „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Зајди, зајди јасно сонце“ и уште многу други.

Александар Сариевски е инспирација за многу генерации. Со својот уметнички профил и богат авторски и изведувачки опус го запиша своето име во севкупната македонска културна историја и претставува една од најмаркантните фигури на македонската народна музика. За време на своето шестдецениско творење, Сариевски зад себе остави над 400 трајни звучни записи за продукцијата на МРТ, но и за други познати дискографски куќи. Александар Сариевски е исто така и еден од основачите на ансамблот „Танец“, дел од неговата прва генерација и знаменит тапанџија на „Тешкото“. Со „Танец“ тој патувал насекаде во светот ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а заедно со целокупниот музички опус недвосмислено претставува еден важен дел од македонското културно наследство.

Scroll to Top