„Ај кју“ ќе пее на евровизиска журка во Њујорк

Македонскиот бенд „Ај кју“ на 23 септември ќе пее на евровизиската журка во Њујорк. Тие го најавија својот настап преку социјалните мрежи и им препорачаа на своите фанови од Америка побрзо да си купат билети, оти брзо се распродаваат. Забавата ќе се одржи во „Ајкон Асторија“, а со секој купен билет, кој чини 20 долари, следува и гратис пијалак.

„Многу сме возбудени што ќе пееме на евровизиската журка оваа година,“ велат Бојан и Марија.

Забавата со најголемите евровизиски хитови во Њујорк е традиција и се одржува повеќе од десет години. Секоја година настапуваат музичари што пееле на Евросонг во минатото.

Ова нема да биде прва евровизиска забава на која ќе пеат „Ај кју“. Тие претходно настапуваа и на крузер на кој се одржуваат евровизиски журки, а откако се преселија во Англија често пати најавуваа дека ги канат да пеат во клубови во кои доаѓаат евровизиски фанови.

За потсетување, Марија и Бојан ја претставуваа Македонија на Евросонг во 2018 година во Лисабон со песната Lost and Found. Не се пласираа во финалето, но ја добија наградата „Барбара Декс“ за најлошо облечени музичари на евровизиската сцена таа година.

Scroll to Top