Синоќа во Битола се одржа манифестација „Љубов за сите“, посветена на Андријана Мациев ќерката на пејачката и водителка Јулија која почина во мај годинава. По повод нејзиниот роденден, се одржа изложба на која беа претставени нејзините ликовни дела.
„Голема благодарност до ДЛУБ Битола и до сите битолчани кои во голем број синоќа дојдоа и беа дел од манифестацијата „Љубов за сите“ посветена на нашата голема уметница, нашиот жив ангел небесен, Андријана Мациев. По повод нејзиниот родеден беа изложени нејзините ликовни дела и промовиран алманахот „Љубов за сите“ од група автори на „Графопром“ Битола“, рече Јулија.
За потсетување, Андријана почина по две години борба со ракот. Во 2020 година на нејзиниот роденден ѝ беше дијагностициран рак, кој метастазирал на коските и црниот дроб. По една година хемотерапии и зрачење, успеа да застане на нозе.
Лани Јулија на роденденот на ќерка си напиша дека изминатата година направила пресврт во нивните животи. Уметници и нејзини пријатели и колеги ги продаваа своите дела по прифатливи цени и собираа средства за нејзините лекарски трошоци.