Пејачот Александар Јосифовски, кој неколку години е еден од милениците на „Гранд“, освен што добро пее, добро и црта. Цртањето му е хоби одамна, а талентот го наследил од татко му. Го гледал него како црта, па пробувал да го копира. На почетокот тоа биле кругови како лик и тело и стапчиња наместо раце, а потоа почнал да го црта навистина ликот што го гледа пред себе.
„Почнав да цртам во основно, тогаш сфатив дека знам да цртам, некако моите цртежи беа подобри од другите. После почнав малку попрофесионално да цртам, но тоа е само хоби, цртежите не ги продавам. Најчесто цртам со молив или јаглен, со сенчање“, вели тој во разговорот за „Репортер“.
Црта секојпат кога има време, а инспирацијата ја добива од убави слики или моменти, од некои случувања околу него. Вели, кога ќе му се случи нешто убаво почнува да црта. Најчесто црта портрети кои ги гледа од фотографии, а никогаш не цртал жив модел што стои пред него.
„Не знам, тоа е макотрпна работа, посветувам по два три дена на еден цртеж и многу е да мора некој толку долго да стои пред мене“, рече Јосифовски.
Ни призна дека кога е нервозен, цртањето го смирува исто како што го смирува и музиката.
„И со цртање и со музика проблемите остануваат зад мене“, вели тој.
А. Јовановска