Британскиот принц Хари, пејачот Елтон Џон и уште многу други ѕвезди во Британија, почнаа правна постапка против „Дејли Мејл“, за наводно прислушување на телефонот и други кршења на правата на приватност, рече нивниот правен тим во четвртокот.
Associated Newspapers, издавачот на весниците Daily Mail, The Mail on Sunday и порталот Mail Online, засега се немаат огласено по повод ваквите обвинувања.
Глумиците Елизабет Харли (57) и Сејди Фрост, сопругот на Елтон Џон, филмскиот режисер Дејвид Фурниш и Дорин Лоренс, мајка на тинејџерот Стивен Лоренс, кој беше убиен во расистички напад во 1993 година, се исто така меѓу групата што поднесе тужба.
Сите имаат докази дека Associated Newspapers им ја нарушил приватноста и дека им поставил уреди за прислушување во автомобилите и домовите. Исто така им ги прислушувале приватните телефонски разовори, обвинија од правната адвокатска компанија „Хамлинс“.
Односот на Хари и Меган со британскиот таблоид е нарушен по нивната венчавка во 2018 година. Двојката претходно рече дека не сака да има никакви контакти со четирите главни британски весници, меѓу кои и „Дејли мејл“, обвинувајќи ги за лажно и наметливо известување.
Тие рекоа дека овие медиуми се една од главните причини за нивната одлука да ги напуштат своите кралски должности и да се преселат во САД.