Панчо од ДНК деновиве е на патување со синовите, па постојано објавува слики и видеа од нивното дружење. Откако беа во Словенија и ја посетија Постојна јама, сега се во Италија, на гости кај поранешниот репрезентативец Илија Несторовски.
Панчо не криеше дека фудбалерот на Удинезе им приредил незаборавен ден. Освен што го гледале натпреварот Удинезе – Монца, Несторовски ги прошетал низ стадионот „Фриули“, во соблекувалните на фудбалерите, го запознале и Родриго Бекао, а биле да јадат и во ресторанот на клубот.
„Немам зборови со кои можам да ви ја опишам среќата, радоста, задоволството и честа кои ми ги приреди Нестор. Како искрен и голем спортски фан, ова беше еден од најубавите денови во мојот живот кој ќе остане незаборавен и прераскажуван додека сум жив. Сè уште си ги собирам емоциите и сумирам впечатоците од прошетката низ Фриули“, вели Панчо.
Тој додаде и дека конечно му се остварила желбата да прошета низ домот на еден голем клуб и да види како функционираат работите таму.
„Нестор, пријателе, вечно сум ти благодарен за сè што направи овие неколку дена додека престојував во Удине. Ти не си човек, ти си људина. Во денешно време ретки се луѓе како тебе. Остани таков каков што си, тоа те прави уникатен“, напиша Панчо на Инстаграм.