Актерот и шоумен Игор Џамбазов вчера имаше свое шоу на „Макфест“ во Штип. Тој настапот го почна со „Каква е оваа ситуација“, продолжи со „Време за плачење“ и среде настап кажа дека една од песните ѝ ја посветува на неговата девојка Илина Арсова, која во моментов е во Америка.
„Таа песната ја слушнала уште пред десет години на Килиманџаро и ѝ се допаднала. Мојата најголема љубов, мојата муза, сега е во Америка. Те сакам мое девојче, ми недостасуваш“, рече Игор, па доби силен аплауз од публиката.
Додека пееше, се присети и на неговите претходни настапи на реномираниот фестивал, на дружбата со Гуру Харе која трае повеќе од 30 години, а кој свиреше и вечерва со него, но и на анегдоти што го врзуваат за Штип. Настапот го заврши со песната „Ако умрам ил загинам“, а им ја посвети на сите музичари што некогаш пееле на „Макфест“.
„Јас вечерва ќе ја пеам за мојот татко што почина пред шест месеци. Да пееме сите заедно“, рече Џамбазов
Вечерва во Штип почна 37. издание на „Макфест“, а настапија 12 музичари. Шест од нив, според гласовите на стручното жири, ќе пеат и утре на ревијалната вечер. Според организаторите, годинава нема да има парични награди за најдобрите. Водители вечерва беа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, а утре ќе им се приклучат и Лила Филиповска и Борко Ристовски.