Со солзи, долг аплауз и поклон, доајените на фолк-музиката, уметниците и цел „Танец“ му оддадоа почит на маестро Милан Завков

Пријатели, колеги од македонската фолк-естрада и целиот ансамбл на „Танец“ денес во фоајето на Македонската опера и Балет дојдоа на комеморацијата на Милан Завков, врвниот хармоникаш и композитор. Завков ненадејно почина во понеделникот на 61 година.

Веста ги најде затечени голем број од неговите колегите, музичари, уметници, пријатели. Речиси никој не остана рамнодушен на комеморацијата, не ги криеја солзите и болката за  загуба на Завков, кој е стожер на македонската и новокомпонирана музика. Емотивни сцени имаше и во ходникот во фоајето каде беше изложена неговата хармоника, до која беше и книга на жалост во која присутните се потпишуваа.

Комеморацијата почна со народна музика, а на неа говореа уметничкиот раководител на „Танец“, Бранка Костиќ Марковиќ, директорот Мартин Вучиќ, претставникот на Здружението на естрадни уметници Сашо Ливрински и првенката-солист во „Танец“, Сузана Спасовска.

Во првите редови седеа Виолета Томовска,  семејството, музичарот Тоше Завков кој е брат на Милан и кој неколку часа пред да почине Милан, бил со него. Тука беше и пијанистот Симон Трпчевски, македонскиот тенор Благој Нацоски и други.

Сочувство до семејството и колегите од „Танец“ испрати и претседателот Стево Пендаровски кој преку телеграма рече дека со жалење ја примил веста за смртта на еден од најголемите виртуози на хармоника.

„Кога ќе го отворите неговото уметничко досие во „Танец“, не може, а да не ве фасцинираат статистичките податоци“, рече Бранка Костиќ Марковиќ.

„Неговата музика ќе живее уште долги години преку интерпретацијата на неговите творења. Можам со сигурност да тврдам дека споменот на неговиот музички хабитус ќе остане вечно втиснат во ансамблите на „Танец“ и на македонската музичка култура во целост“, рече Вучиќ.

Котевска рече дека загубивме неповторлив виртуоз и автор, кој им го осветли патот на многу млади уметници и автори, оставајќи им аманет да продолжат да ја збогатуваат македонската музичка ризница.

„Легендите имаат само датум на раѓање, но не умираат. Живеат вечно“, рече Сузана Спасовска.

Завков е роден е на 1 јули 1962, а започна да свири на хармоника на 8 години. На 40 години стана член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“, со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Неговите младински денови ги мина свирејќи во Културното уметничко друштво „Мирче Ацев“. Зад себе има 150 авторски творби, врвни хитови кои ги отпеаја најпознатите имиња од фолк естрадата.

Љубиша  Владимиров 

 

Scroll to Top