Италијанско-американската „Брера Холдингс“, која пред една недела официјално излезе на втората најголема светска берза „Насдак“ во Њујорк, официјално го објави купувањето на актуелниот вицепрвак Академија Пандев, клубот на најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев.
„’Брера Холдингс’ ќе форсира ширење и промоција на брендот Брера ФК во Источна Европа. Со купувањето на Академија Пандев и ребрендирањето во Брера планот е да се зголеми тимскиот напредок, а местото е идеално за да се подготват фудбалерите за меѓународниот пазар и да се остварат приходи од настапите во УЕФА“, рече извршниот директор Серџо Скалпели.
За потсетување, Пандев во 2010 година ја основаше Академија, прво како младинска школа, а потоа и со сениорски тим, кој во 2019 година го освои Купот на Македонија, а минатата сезона беше виепрвак. Пандев е независен член на Бордот на директори на „Брера Холдингс“.