Пилотка, пожарникарка, судијка и диригентка-Македонски жени кои ги рушат стеротипите

Дванаесет приказни од жени кои ги рушат стеротипите и покажуваат дека полот не е пречка, туку можност за оставрување на сонот, беа претставени на изложбата „Иднината е женски род“ која е псотавена во Ист гејт мол, во месецот посветен на жената.

Успешните приказни од различни сфери на животот, македонските дами ги раскажаа и во Репортер. Ива Матиќ- пилотка, Бисера Чадловска-диригентка, Ива Пројковска-интернационален ФИФА судија и Менка Стојаноска-пожарникарка.

Ива Матиќ е првата жена пилот во Армијата која седна во воен хеликоптер и авион, а денес управува патнички авион во авиокомпанијата Виз Ер. На само 34 години, со помош на нејзината професија, посетила околу 60-тина земји во светот. Кога ќе каже дека по професија е пилотка луѓето на прва не ѝ веруваат. „Ми треба некое време да ги убедам“, вели таа, оти ретко која жена се занимава со оваа работа.

Првиот лет со авион на Виз Ер ѝ бил во текот на тренингот, од Темишвар, Романија до Лондон и назад во еден ден. Најдолгиот ден ѝ бил 14 часа, на четири релации во еден ден.

„Има разлика да се биде пилот на воен авион и патнички. Јас во Армијата летав воен хеликоптер којшто собираше одзади 24 луѓе максимум, а сега летам патнички авион кој може да има од 180 до 230 луѓе. Целата механика, структурата на авионот, начинот на летање е тотално различен“, рече Ива за „Репортер“.

 

Бисера Чадловска е првата жена диригент во нашата земја и прва жена диригент вработена во Националната опера и балет. Има диригирано над 50 наслови на оперски и балетски претстави, но бројот на диригирани претстави е дури над 500-тини. На 24 февруари во НОБ прослави 20 години од нејзината кариера како диригент со операта „Боеми“ од Џакомо Пучини.

Уште во средношколските денови Чадловска сакала да стане диригент иако свирела на пијано.

„Јас тука започнав како хор мајстор. Прво работев со хорот, понатаму една по една се нижеа претставите. Мислам дека првата претстава што ја диригирав беше „Лилјакот“, тоа беше претстава за училишна програма. Потоа имав една премиера која јас за првпат ја поставив, тоа беше „Таен брак“, опера која јавноста не ја познава добро. На таа премиера дојдовме многу млади луѓе, колеги пејачи кои за првпат се појавија на сцената“, раскажа Чадловска за Репортер.

Ива Пројковска, првата интернационална ФИФА судијка која се најде помеѓу 20-те елитни судии во Европа, неодамна ја доби наградата најуспешна женска судијка за 2022 година од Олимпискиот комитет на Македонија.

Ива вели дека била изненадена за наградата, но и среќна затоа што некој ги следел нејзините резултати и успеси надвор од Македонија.

„Бев многу среќна кога ме избраа, највеќе затоа што женскиот фудбал и женските судии малку се следат во нашата држава и медиумите многу малку информираат за тоа“, вели Ива за Репортер.

Менка Стојаноска е една од двете пожарникарки во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Веќе четири години е на оваа позиција и е задоволна што досега безбедно и совесно ја извршува функцијата на пожарникарка.

Освен што е една од ретките жени во оваа професија, таа е и првата која учествуваше на меѓународен натпревар по бразилски џиуџитсу и која донесе титула.

Одлуката за професијата пожарникар е лична бидејќи е блиска со нејзиниот карактер. Стереотипите за машки и женски професии не ја исплашиле да се пријави на конкурсот, да помине тестови со умствена и физичка подготвеност и од 2019 година да биде дел од противпожарната единица на градот.

„Љубовта кон оваа професија се појави сосема спонтано со текот на моето растење. Сфатив дека ова е една од работите каде што се пронајдам и ќе ми биде задоволство да ја извршувам. Скоро 4 години сум дел од противпожарната единица“, изјави Стојаноска за Репортер.

 

Изложбата ќе биде отворена за посетителите на Ист Гејт Мол  до 8 април 2023 година.

Г.Д

 

Scroll to Top