(Видео) Емотивен концерт во сеќавање на Јонче Христовски: безвременските песни разбудија сеќавања и солзи во публика, „Македонско девојче“ на бис

Емоции, солзи и песна на вчерашниот втор концерт посветен на доајенот на македонската народна музика, Јонче Христовски.
Фолк и забавни пејачи потсетија на дел од творештвото на великанот заедно со Битолскиот камерен оркестар „IWConnect“, со кој диригираше на Владимир Димовски. Салата во Националната опера и балет полна до последно столче со публика во која поголем процент преовладуваа повозрасните, но имаше и помлади момци и девојки кои уживаа во овој неповторлив музички емотивен спектакл.

Од политичари до естрадни уметници. Помеѓу првите редови беше и поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов со неговата сопруга Маја.

Концертот го отвори Пеце- Суперхикс. Облечен во народна носија со мустаќи како на Јонче. Тој на сцената го претстави хуморот од „Да ме молат не се женам“ на што публиката веднаш реагираше со аплауз во ритамот на песната.

„Море Гоце берберот“ и „Куќа имам на Пелистер“ ги изведе поп-пејачката Агни Авшар. Во секој еден стих отпеани од пејачите, се аплаудираше и се пееше во публика. Па и имаше и развеселени баби кои креваа раце на песните, снимаа со телефони и пееа гласно.

Еден од најемотвните моменти беше изведбата на „Едно име имаме“ од Елена Андоновска. Пејачката доби поддршка со аплауз во ритамот на песната од публиката, а во салата ечеше „Едно име имаме во душата го носиме“. Атмосферата остана на исто ниво и со појавувањето на Горан Куќиќ кој со аплауз беше пречекан, а кога се слушнаа првите стихови од „Ај засвирете ми чалгии“, аплаузот не престана до крајот на песната.

[/video]

Ристо Самарџиев ја изведе песната „Ако умрам ил загинам“, која доби боемски шмек, за како што рече онака каков што беше и Јонче. Песната разбуди емоциите, па Самарџиев дозволи публиката да биде погласна додека тој пееше. На крај заврши со стихот „Песна запејте Јонче спомнете“.

Најемотивниот момент од концертот беше на крајот, кога на сцената се појави Виолета Томовска во придружба на нејзината ќерка. Таа на сцената ја побара и ќерката на Јонче Христовски, која беше во публика „Невенче те молам качи се на сцена“, рече Виолета.

Таа раскажа како всушност настанала песната „Македонско девојче“ чиј кантавтор е Јонче Христовски.

„Кога и славевме прв роденден на мојата ќерка Невена, која има исто име како и ќерката на Јонче, тој дојде на роденденот и рече „јас сум со празни раце, ништо не донесов“. А колегите кои беа присутни се смешкаа бидејќи знаеа. Тој на роденденот од ќерка ми и ја подари песната „Македонско девојче“, напишана за мојата ќерка“, по овој говор публиката стана на нозе и и подари на Томовска неколку минутен аплауз и овации.

[/video]

Невенка ќерката пак на Јонче низ солзи рече „Ширете љубов како што ширеше татко ми“.

По бурата од емоции, солзи и сеќавања на Јонче Христовски, Виолета Томовска ја отпеа „Македонско девојче“.
„Ова се безвременски песни кои ќе ги пеат и идните генерации. Јонче Христовски остави голема трага и како човек во ансамблот „Танец“. Не само што пееше, туку и учествуваше во кореографиите. Тој зад себе остави огромен материјал на староградски песни. Беше многу добар другар. Знаеше на кој интерпретатор да ги подари неговите песни. Остави убави пораки во песните за љубовта и животот“, рече Томовска.

За крај „Ој Вардаре македонски“ ја отпеаа сите естради уметници кои вчеравечер пееја на сцената во чест на Христовски. Пеце-Суперхикс, Душко Атанасовски, Ленче и Горан Куќиќ, Елена Андоновска, Агни Авшар, Ристо Самарџиев и Виолета Томовска. Публиката не сакаше да си оди дома. Па на бис додека стоеше публиката и аплаудираше уште еднаш беше отпеана „Македонско девојче“.

Габриела Додевска

 

Scroll to Top