Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, ги покри трошоците за карантинот на фудбалерите на Вардар, пред гостувањето во Охрид кај Воска. Натпреварот ќе се игра во недела, а од клубот на Вардар му се заблагодарија на Ристовски.
„Фудбалскиот клуб Вардар јавно искажува благодарност до капитенот на Македонската фудбалска репрезентација, вардаровото дете, Стефан Ристовски за несебичната помош и поддршка за својот матичен клуб благодарение на која експедицијата на Вардар ќе замине во карантин пред претстојниот важен натпревар во недела каде во мир и соодветни услови ќе се подготвува за предизвикот кој го очекува“, рекоа од Вардар.
За потсетување, Ристовски за Вардар играше до 2010 година и има настапено на 23 натпревари. Потоа направи трансфер во Парма. Во недела, Вардар ќе може да ја намали предноста на Воска, кој е прв на табелата со 59 бода и има три бода предност пред црвено-црните.