Летово ќе се одржи едномесечна изложба и аукција на повеќе од 1.500 предмети од приватната колекција на пејачот на групата „Квин“, Фреди Меркјури. Предметите од неговиот дом во Кенсингтон, западен Лондон, ќе бидат изложени од 4 август до 5 септември во во аукциската куќа „Сотбис“.
Колекцијата вклучува огромна палета на костими, слики и предмети од неговиот живот. Меѓу најценетите предмети е репликата на круната на Свети Едвард, чија вистинска верзија ќе ја носи кралот Чарлс III за време на крунисувањето.
На аукцијата ќе ја има и неговата наметка изработена од вештачко крзно, црвено кадифе и накит, која ја изработи неговата пријателка, пејачката и костимограф Дијана Мозли.
Меркјури ги носеше предметите за време на неовите концерти, меѓу кои и светски познатиот Live Aid кој го одржа во 1985 година, како и завршната изведба на „God Save The Queen“ за време на неговата последна турнеја со групата во 1986 година. Предметите се очекува да достигнат цена и до 80.000 фунти.
Се продаваат и досега невидените рачно напишани текстови како онаа на We Are The Champions, една од најпознатите песни на бендот. Песната како и другиот голем хит на „Квин“, We Will Rock You, во октомври 1977 година се најдоа на врвот на светските топ листи.
Текстот е напишан на девет страници, а цената се очекува да стигне од 200 до 300 илјади фунти. Текстот на уште една песна на Меркјури Killer Queen, која се смета за пресвртница на бендот, исто така ќе биде на продажба, а вредноста се очекува да дотигне и до 70.000 фунти.
Раскошната свечена јакна во воен стил, специјално креирана за неговиот 39-ти роденден во Минхен во 1985 година, се очекува да се продаде по цена од 10.000 до 15.000 фунти.
Пред изложбата во Лондон, главните експонати ќе ги обиколат Њујорк, Лондон, Лос Анџелес и Хонг Конг во јуни.
„Сензационалниот живот на Фреди Меркјури ни остави богата серија уметнички моменти кои сè уште нè движат и воодушевуваат, наследство кое, како и неговата музика, ќе живее вечно“, рече претседателката на „Сотбис“, Оливија Баркер.
За потсетување Меркјури е роден 1946 година во Занзибар, Танзанија. Неговото вистинско име е Фарух Булсара, а со семејството се преселил во Англија на 17-годишна возраст. Со групата „Квин“ Меркјури сними 15 студиски албуми. Почина од воспаление на белите дробови, предизвикано од сида во 1991 година, на 45-годишна возраст.
Инспириран од неговиот живот и групата „Квин“, режисерот Брајан Сингер го сними филмот „Бохемиска рапсодија“, кој освои четири Оскари, меѓу кои и наградата за најдобра машка улога, што ја доби актерот Рами Малек.