Крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила ќе сe одржи в сабота на 6 мај, а персоналот на кралското семејство и палатата постојано работат за да се осигурат дека церемонијата ќе помине во најдобар ред.
Десетици светски лидери и шефови на држави се поканети на историската церемонија, додека милиони се очекува да ја гледаат на телевизија. На крунисувањето се поканети шефови на држави со кои Лондон има целосни дипломатски односи, како и претставници на британските региони и прекуокеанските територии. Македонскиот претседател Стево Пендаровски ќе присуствува на церемонијата на крунисувањето. Од кабинитетот на Пендаровски за МИА потврдија дека добил покана од Бакингемската палата, ја прифатил и ќе оди на крунисувањето на кралот Чарлс. Претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, присуствуваше и на Државната погребна служба на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија во Лондон лани на 19 септември минатата година.