Ламбе Алабакоски ќе ја пее химната за престојното Европско првенство во одбојка, кое ќе се одржи во Македонија.
Се реализираат сите планови за промоција на Европското првенство во одбојка, како настан со најголем ранг во историјата на независна Македонија. За првиот машки сениорски континентален шампионат кај нас, МРТ направи документарен филм за македонските одбојкари насловен „Живеејќи го сонот“. Наскоро ќе се објави воведното видео за Скопје, како еден од градовите каде што ќе се игра елитна одбојка летово.
„Тоа ќе биде не само одбојкарска, туку и туристичка, но и македонска промоција на главниот град како еден од епицентрите на европскиот спорт во август и во септември. А отсега македонската одбојка ќе има и своја химна, којашто се надевам ќе им влезе во уво на слушателите и дека ќе ја пејат гледачите во салата „Борис Трајковски“.Но и дека ќе остане како одбојкарска химна на секој нареден настан. Сакам да им се заблагодарам за ентузијазмот на сите вклучени во создавањето на оваа песна. На младиот и талентиран композитор Филип Неделковски, на текстописецот Огнен Неделковски, кои без збор прифатија да бидат дел од оваа иницијатива, на аранжерот Ангел Ќосев во чие студио „Подрумот“ се снимаше песната, а особено на изведувачот Ламбе Алабаковски, кој посака да ја поддржи македонската одбојка не размислуваќи ниту секунда за некој тесноград личен интерес“, открива уредникот на спортската редакција на МТВ, Тони Стојановски и дополнува дека досега ниту една друга репрезентација немала вакво покривање на своите активности и за тоа е навистина горд.