Со премиера на „Домаќинство за почетници“ на Столевски, се отвора 44. издание на „Браќа Манаки“

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски ќе го отвори утре, 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Инаку филмот на Столевски е и македонски кандидат за Оскар кој на овогодишниот 80. филмски фестивал во Венеција ја имаше светската премиера во програмата Хоризонти.

„Манаки“ ќе трае до 29 септември на кој ќе бидат прикажани 79 филмови, а ќе биде затворен со премиерата на филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

– Еве со оваа прес-конференција, прва во Битола, фестивалот си дојде дома, тој си припаѓа на Битола, тука ќе остане и ова е негов вистински дом како што бил дома на браќата „Манаки“. 44. издание на „Браќа Манаки“ навистина е голем. Првата година имавме 150 гости, 20 филмови, двајца добитници и скромен буџет, го организиравме во време на пандемијата. Наредната година имавме 250 гости, 65 филмови и 37 ноќни забави, а годинава имаме меѓу 350 и 400 гости од кои околу 160 се странски гости, тоа е огромна бројка и 50 VIP, имаме 79 филмови во киносали и проекции на отворено. Имаме извонредни филмови во главната селекција од Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан. Тоа се филмови во кои знаењето и умешноста на кинематограферите доминираат, имаме во оваа селекција врвни кинематографери кои работат во врвни режисери, рече директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски.

На 44. издание на „Браќа Манаки“, добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус е оскаровецот Питер Бижу, актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, а Шејмас Мекгарви е годинашен добитник на Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светската филмска уметност.

Scroll to Top