Со бурни аплаузи, овации и пеење на познатите рефрени беше пречекан од кривопаланчани Драган Мијалковски, кој настапи со целовечерен концерт во рамките на Свечената академија на Општина Крива Паланка, посветена на прсветителите „Свети Јоаким Крчовски“ и „Свети Кирил и Методиј.
Бардот на македонската поп-музика ја носеше публиката низ неговата музичка биографија, патувајќи од 70- те години на минатиот век со “Кажи ми”, “Оди си”, “Моја малечка гулабице”, преку популарните евергрини “Кажи нешто драга”, “Гитаро моја”, 223-305″ до хитовите од неговиот нов албум.
Драган Мијалковски, кој по татко е по потекло од во Крива Паланка, настапи во придружба на оркестарот од „Златна бубамара на популарноста“ предводен од Дамир Имери и танчери од студиото Dancers United .
„Публиката, вечерва, празников и сето тоа беше еден спектакл. А спектакл нема, ако не е срцето и душата кај сите што дошле овде чиста и убава. Оваа позитивна енергија сите не воздигна, не крена практично во една прекрасна хармонија на чувства, на емоции, на дружење, на аплаузи, на слушање познати рефрени на кои запеа и публиката. Крива Паланка е мал град, но вечерва беше голем, центар на културата“, рече Драган Мијалковски кој јавно ја поддржа кампањата на градот за купување концертен клавир.
На свечената академија беа прогласени најдобрите просветни работници и најдобрите ученици за учебната 2023/24 година.
Свечената академија и концертот на Драган Мијалковски е дел од манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”.