По победата на „Фолк фест Валандово“ дебитантката Ангела Влинтовска најавува работно лето. Не открива кој е, но вели дека има соработка со врвен музичар од фолк – естрадата.
„Веќе имам соработка со врвен музичар од фолк-естрадата. Во подготовка се неколку песни“, вели Влинтовска за „Репортер“.
Се занимава со музика од шест години, свири виолина 13 години, а сега е прва година на Факултетот за музичка уметност Скопје на отсекот виола.
„Првпат се појавив на фестивалот ‘Фолк Фест Валандово’ и како дебитант успеав да ги добијам најреномираните награди. Со оглед на тоа што зад песната ‘Темјана’ стојат добро познати имиња на музичката сцена како што се Ванчо Димитров автор на песната, Огнен Неделковски текст и Љупчо Соколовски аранжман, потсвесно се надевав за наградите“, рече Влинтовска .
Последнава година Влинтовска е вокал во „Идеал бенд“.
„Сите сме млади и музички образовани, полни со енергија и желба за работа и успех. Ја сакаме музиката и главната цел ни е истата и да ја пренесеме на публиката онака како што и ние ја чувствуваме, во најдобро светло. После победата на ‘Фолк Фест Валандово’, добивме поттик за повеќе работа, снимања на нови проекти во кои ќе може публиката да ужива во музиката која ја произведуваме. Луѓето не препознаваат и ангажманите се доста поголеми“, кажува Винтовска.
На 37. издание на „Фолк фест Валандово“ Влинтовска ја доби првата награда и од публиката и од жирито. Второтопласирана на фестивалот беше композицијата “Љубовта е оган” која во дует ја испеаја Софија Пуровска и Никола Зацески, а третото место го освои “Го чекам аберот” на Габриела Новевска.