Елено ќерко, Битола, мој роден крај, Со маки сум се родила, Заветна , Дафино вино црвено, Ваташа и многу други антологиски песни од албумот „Македонски рози“ ги допреа срцата на бројните кривопаланчани кои синоќа присуствуваа на целовечерниот концерт на „Митан“ проект со Андријана Јаневска на летната сцена на Градскиот плоштад во Крива Паланка.
Најубавите македонски песни беа донесени на посебен начин со виртуозната изведба на врвните музичари и волшебниот глас на единствената Адријана Јаневска, кои приредија концертна вечер за паметење.
„Многу сум среќна што вечерва одржавме овде концерт, затоа што Крива Паланка докажа дека навистина е Град на културата. Многу се радувам што „Митан“ проект настапи вечерва овде, што бевме дел од вашето културно лето, се надеваме дека и во иднина ќе бидеме ваши гости и само така да продолжите, бидејќи културата е најважното кај еден народ“, им порача Јаневска на кривопаланчани.
Основачот на „Митан“ поект, Мите Димовски-Митан, го изрази своето задоволство од успешниот настан и најави нови изненадувања со претстојниот материјал на проектот.
„За првпат сме во Крива Паланка и баш убаво е што како Град на културата го одбележувате со одлична програма. Ни беше чест што настапивме и се заблагодаруваме на општината и организаторите за оваа прекрасна вечер која остави спомени и за нас, и за публиката. „Митан“ проект го работиме долги години, сега се враќаме на концертните сцени , се надевам успешно и со нов материјал кој претстои“, рече Мите Димовски-Митан.
Андријана Јаневска и „Митан“ ја поддржаа кампањата „ Концертен клавир за Крива Паланка“ што се реализира во рамките на манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“
„Се надевам дека спонзорите ќе имаат слух заради тоа што навистина тој концертен клавир ќе придонесе Крива Паланка и понтаму да аплицира и за следните години да биде Град на културата, бидејќи од срце мислам дека ова го заслужувате“, порача Јаневска.
Концертот беше дел од Кривопаланечко културно лето и богатата програма на „Градот на културата“.