Стотици македонци во Детроит за прв пат го прославија Денот на Македонското Наследство на 30. јули, организиран од „Детроит Тајгерс“, бејзбол тимот чиј сопственици се Илиќ фамилијата со потекло од битолскиот крај Драгош и Буф во Егејска Македонија.
Настанот беше во партнерство со Обединетата Македонска Дијаспора и неколку видни македонско-американски компани и сопственици како спонсори.
Детроит Тајгерс обезбеди за гостите капи со логото на Детроит Тајгерс во црвено жолта боја и со знамето на Република Македонија. За време на бејзбол играта на масиовниот екран во стадионот Комерика Парк против Кливленд Гардијанс се појавуваа македонските капи и знамиња на навивачи за Детроит Тајгерс.
„Овој настан ја слави значителноста на македонско-американската заедница и културната разновидност на Детроит. Го прославува македонското наследство кое Мајк Илиќ со гордост и посветеност го ширеше и никогаш не го заборави, како и на сите Македонци кои продолжуваат да го слават низ Детроит и цела Америка. Среќни сме што оваа прослава ќе стане годишна традиција и ќе има можност да биде проследено од следните генерации“, велат организаторите.
Настанот оддаде специјално признание за Маријан Илиќ, истакнат претприемач, и покојниот Мајк Илич, кој овој месец ќе го прославеше својот 95-ти роденден. Дополнително, ќе се оддаде почит и на Вториот Илинден, со кој се одбележуваат 80 години од формирањето на АСНОМ и 33 години од независноста на Македонија.