(Видео) Тамара, Just RB & Nikifor направија римејк на „Зови ме Лена“

Оваа римејк верзија на песната е најава за новиот албум на Just RB и Никифор, „African Queen“, а гласот и енергијата на Тамара Тодевска придонесоа да се направи римејк на „Зови ме Лена“, како најава за еден нов музички проект, кој ќе се осврне на африканската музичка култура.

Песната „Зови ме Лена“ доживеа римејк верзија од Тамара Тодевска, Just RB и Никифор.

Имено, оваа песна за прв пат беше изведена на последниот избор за песна на Евровизија на Србија 2024 („Беовизија“), во изведба на Лена Ковачевиќ. Автор на музиката на песната е Дарко Димитров, кој заедно со Роберт Билбилов (Just RB) и Лазар Цветкоски работеа на оригиналната верзија.

Денеска „Зови ме Лена“ доживеа нова, римејк верзија, која го најавува албумот “African Queen”, кој е во процес на подготовка од Just RB и Никифор.

Тамара Тодевска како еден од најдобрите женски вокали, со својата енергија и сензибилитет даде нова вредност на песната.

„Среќна сум што на овој римејк работев заедно со моите добри пријатели и соработници: Роберт Билбилов и Никифор, но секако и со Дарко Димитров и Лазар Цветкоски кои се дел од целиот проект. Работата во студио се одвиваше брзо, во една убава атмосфера и динамика, баш како што е и самата песна односно оваа римејк верзија“, посочува Тамара.

Во заедничка изјава, Just RB и Никифор го изразија своето задоволство од соработката со Тамара Тодевска и посочија дека интензивно работат на својот нов албум „African Queen“:

„Работиме на еден уникатен музички проект, кој ќе биде еден вид на „патување“ низ африканската музичка култура, микс на традиционалното и модерното во еден неверојатен звук. „Зови ме Лена“ го најавува нашиот албум, кој веруваме дека ќе и се допадне на домашната публика“, посочуваат двајцата артисти.

Изведувачката на оригиналната верзија на песната, Лена Ковачевиќ, исто така ја поздрави оваа соработка и се радува што овој римејк ќе придонесе дополнително да „живее“ оваа песна, да освојува нови генерации и простори.

Scroll to Top