На официјалното отворање на филмскиот фестивал „Преку езерото“ на Владо Јовановски му беше доделена единствената награда „Мето Јовановски“ – магот на македонското и балканското филмско мајсторство, актерот кој мината година ја одигра својата последна улога на овој свет и замина во светот на вечната игра и вечните соништа – актерот и сонувачот со отворени очи.
dobivaj vesti na viber
„ Да се зборува за трето издание на фестивал кој е создаден само од нашата страст да го споделиме светот на филмот со други луѓе навистина е, ама навистина многу, многу тревожна работа. Кога за прв пат ќе направиш нешто, на медитеранот тоа се нарекува: “имање среќа“! Кога пак истото тоа ќе се повтори уште еднаш, дури и со намера, тоа ќе ти го опишат како:“абе, се случува“! И најпосле, кога е по трет пат, е дури тогаш може да се рече дека тоа нешто и навистина постои! Е-па, драги мои, ние сме само на миг пред третото издание на нашиот фестивал. Многу се радувам што со вас ќе ги споделиме овие незаборавни денови со приказни. Приказни од балканот и медитеранот, за кои сум убеден дека ќе ги променат нашите верувања дека на овој дел од светот има смисол да се верува во што и да е, ако е помалку од три пати! Верувајте. Ова е “Преку езерото“ по трет пат, рече пред бројната публика проф. д-р Јани Бојаџи – Директор на Фестивалот.
Пред присутните се обрати и претседателката на Советот на филмскиот фестивал „Преку езерото“, Мими Ѓорговска Илиевска, која рече дека сè она што Владо Јовановски го прави различен од многу други актери, еднакво извонредни како него – е неговата посебност, неговата киногенија, неговото присуство во кадарот кое ве привлекува да го гледате дури и без да дејствува, без да збори, без да се движи, дури и без да трепка со очите вие сте ставени во ситуација да очекувате нешто да случи..
„Владо Јовановски е актер кој во кадар може да чита од телефонски именик а ние тоа да го доживееме како приказна, тажна и среќна во истото време. Владо Јовановски е она што на почетокот од ова патување наречено филм, од журналот го создало филмот, таков каков што го знаеме денес. Владо Јовановски е посебна, оригинална, неповторлива уметничка големина, и за наша среќа, актер во најдобрите години од својот живот од кого допрва ги очекуваме најизвонредните достигнувања на актерството во уметноста на филмот. Да е жив и здрав“ рече Ѓорговска Илиевска.
Наградата на нашиот прв Владо Јовановски ја додели почесниот конзул на Република Србија во Македонија, г-дин Владимир Стајиќ.
„Пријатели на филмот, чест ми е што сум дел од филмскиот фестивалот „Преку езерото“ каде сите заедно ќе ја славиме уметноста, креативноста и страста на филмот. Вечерва моја е честа да ја доделам наградата на еден ислучителен уметник чие име е синоним за врвно актерство и посветеност на филмската уметност. Тој трпеливо ја градеше својата кариера и остави неизбришлива трага во светот на кинематографијата. Еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и кој стана миленик на публиката на целиот Балкан.. Добитник на НАГРАДАТА МЕТО ЈОВАНОВСКИ за изворедно актерско достигнување во уметноста на филмот на актерот е актерот Владо Јовановски“ рече Стајиќ.
Нашиот прв лауреат на наградата Мето Јовановски за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот, мајсторот на актерската игра, бескрајно вљубениот во човечките емоции и чистата актерска природност, Владо Јовановски, пред бројната публика во Амфитеатарот во Дојран рече дека оваа награда е една огромна одговорност во идни ангажмани.
„Оваа награда што ми претставува особена чест, ќе ми претставува уште еден товар во куферите што ние актерите ги носиме на нашите плеќи. Ова треба да се оправда, ова треба да се заслужи, ова треба постојано и секогаш во секој нареден проект да се достоинствено да се оправдува а тоа не е лесно. Господ да ми е на помош“ рече Јовановски и се заблагодари за наградата.
Третото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“, традиционално го отвори домаќинот, градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Публиката уживаше во проекцијата на „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ, Србија кој е истовремено и последниот филм на Мето Јовановски, во македонскиот „Параноик“ на Андреј Георгиев и францускиот „И покрај тоа што е ноќ“ на Гилермо Гарсија Лопез.
Претходно, во предпладневните часови, како дел од студенската програма во овогодинешното издание на „Преку езерото“ се оддржа вториот пичинг на студенти на конкурсот за финансиска подршка на дипломски филмови. Високите температури не беа пречка талентираните млади да ги споделат своите идеи и планови со директорот на фестивалот Јани Бојаџи и Александа Русјаков – ментор за пишување сценарија.
Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, нуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.
Во продолжение програмата за следните фестивалски денови во Дојран:
Ден четврти, САБОТА, 10 Август 2024 година
СПРОТИ БРАНОВИТЕ натпреварувачка програма
20.00 Часот
ДАЛИ СИ МАЖ на Ѓорче Ставрески, Македонија, 2023
СРЕБРЕН БУНТ, Дан Шадур, Израел
ВОЛКОТ И МАЧКАТА на Жан-Себастијан Бернар, ФРАНЦИЈА
22.30
ТИШИНА 6-9, Христос Пасалис, Грција
ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ МОЖЕШЕ ДА МОЛЧИ, на Небојша Слијепчевиќ ХРВАТСКА, 2024,
БАЛАДА на Кристофер Нилсон, ФРАНЦИЈА, 2023, 13мин.
МЕСТО НА СЛУЧУВАЊЕ: Амфитеатар на Град Дојран
Ден петти, НЕДЕЛА, 11 Август 2024 година
20.00 Часот
ЅВЕЗДЕНА на Александра Лазаровски, Србија, 2024
ХОТЕЛ ПУЛА, Андреј Коровљев, Хрватска
Свечено затворање на фестивалот
Доделување на фестивалските награди
Доделување на грантовите за дипломски студентски филмови
22.30
ПОДРУМ на Омер ферхат Озмен, ТУРЦИЈА, 2024,
ЛОШО НА МОМЕНТ на Даниел Соарес, ПОРТУГАЛИЈА
ЗАРАЗЕНИ, Себастијан Ваничек, Франција
Крај на програмата