По повод денот на независноста на Македонија, друштвото за истражување и развој Сефиданис, во клубот Ребел во Охрид го претстави својот најнов проект – хуманоиден робот диџеј. Токму на полноќ, кога Македонија прослави 33 години независност, се роди Алшар, робот во изглед и природни димензии на човек, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела. Алшар има за цел да не воведе во новата ера, а воедно да понуди конзервација на македонската уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторска музика, како и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови привлечни за новите генерации. Името е инспирирано од македонскиот рудник, каде за прв пат во светот е откријан минералот Лорандит.
А токму така, „Лорандит”, се вика и композицијата со која се претстави Алшар, креирана целосно со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот на Nvidia – DGX, кој Сефиданис ексклузивно го поседува во регионот.
Покрај траката „Лорандит” која е прогресивно техно, а сокрива стихови од песната „Заветна” во изведба на Бојана Скендеровски, Алшар синоќа избра да пушта и дела од современата електронска македонска музика, меѓу кои и „Ајде да летаме” на мултимедијалната група PMG.
Иновативното решение Алшар е синергија на неколку технологии со отворен и затворен код. За логичкиот дел користи Tensorflow работна околина со модел на Мета и библиотеки за генеративна вештачка интелигенција, која комбинира парадигми на надгледувано и ненадгледувано машинско учење. Што значи, Алшар ќе може да ги предвидува нашите емоции и сензибилитети поврзани со музиката, со цел да го подигне нивото на забавниот ноќен живот и да понуди ново, футуристичко корисничко искуство. Мехатрониката е базирана на Arduino и RaspberryPi, две широкодостапни технологии, при што роботот користи вкупно пет компјутери, три вградени и два екстерни. Торзото, главата и рацете на роботот се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скулптор Гаел Лангевин, додека крилјата ги изработи македонскиот дизајнер Зоран Кардула.
Облеката на Алшар е воедно и првата македонска колекција „За луѓе и роботи”, дело на дипломираниот моден дизајнер Ана Митреска. На севкупниот проект работеа повеќе професионалци од својата област, меѓу кои: Шабан Брзев, Марјан Јано, Влатко Домазетоски, Михаил Ангелески, Нубира Ајдиноска, Давид Трајкоски, Амир Ајдиноски, Александра Коровеш, Азра Демиши, Драган Георгиевски, Хадис Абуш, Meri Makeup, Саше Митаноски и тимот на Superradio, студенти од УИНТ Св Апостол Павле, ученици од Гимназијата Св. Климент Охридски, како и меѓународни студенти преку програмата Еразмус+ од Франција, Малта, Украина, Латвија, Романија, Полска и други.
Идејата за робот диџеј е на професорот Анис Сефиданис, кој предава на Факултетот за машинска интелигенција и роботика е основач на друштвото за истражување и развој Сефиданис, и кој го водеше проектот од негово конципирање до финална реализација. Алшар е само уште еден во серијата паметни системи на Сефиданис од областа на дигиталната хуманост, кој претходно го претсави „Паметниот споменик на Григор Прличев” и „Споменикот на иднината”.
„Сите овие решенија се само пионери на нешто многу поголемо што доаѓа со бранот на четвртата индустриска револуција, и истото не може да се сопре. Живееме во исклучително возбудливи времиња, каде можеби роботите во брак со вештачката интелигенција се нашиот последен изум”, истакнува, Анис Сефиданис