Денеска е петок 13-ти – теории и суеверија

Петок 13 е познат и како „најнесреќниот ден“ од кој некои се плашат како црна мачка да им го попречила патот (што е уште една целосна глупост).

Постојат различни теории за почетокот на стравот од петок 13-ти, а во нив се вклучени и разни митови и легенди. Еден од најпознатите е нордискиот мит за злобниот бог Локи, кој како 13-ти, непоканет гостин се упатил на вечера со боговите во Валхала, небесната сала и домот на богот Один.

На Локи му здодеало во друштво на сериозни богови, па решил да си игра со нив и го убедил Ходер, слепиот бог на темнината, да го гаѓа Балдер, богот на радоста и задоволството, со стрела со имела. Балдер умрел и темнината завладејала со целата земја. Од тој момент, бројот 13 се смета за фатален и застрашувачки.

Во стариот Рим постоело верување дека вештерките се собирале во групи од дванаесет, а тринаесеттото место било резервирано за ѓаволот.

Сепак, повеќето историчари веруваат дека петок 13 добил лоша репутација поради апсењето на повеќе од стотина витези темплари, што се случило, погодувате, на петок 13-ти. Имено, во 1307 година, францускиот крал Филипе ле Бел во договор со тогашниот папа, ги обвинил за ерес. Уапсените темплари биле подложени на тортура, а многумина ја признале својата вина.

Бројот 13 се споменува неколку пати во Библијата и е поврзан со злобни настани. На последната вечера имало 13 гости, а еден од нив не долго потоа починал. Постои верување дека последната вечера или распнувањето на Исус се случило на тринаесетти (исто така во петок), и дека Каин го убил Авел на петок 13-ти и дека големата поплава започнала во петок.

Постојат и други неосновани суеверија дека на овој ден не треба да ги сечете ноктите или да ја шишате косата. Ако случајно планирате да спиете вечерва под орев, селските баби сигурно ќе ве одвратат од тоа.

Scroll to Top