Многу сум среќен, имав голема поддршка од тимот, изјави младиот шахист Лазов од ШК „Алкалоид“, кој се закити со сребро на Олимпијадата

Актуелниот државен првак на Македонија во шах и член на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, го постигна најголемиот успех во кариерата на Шаховската Олимпијада, која заврши во Будимпешта, освојувајќи сребрен медал за својот индивидуален настап на втората табла, со одличен рејтинг-перформанс (2763)!

Лазов игра во одлична форма последниве две години, при што претходната година на Европското екипно првенство освои велемајсторска норма, која и овојпат му беше на дофат. Со освоени извонредни 7,5 бода од 8 партии (со седум победи, од кои две извојувани на првата табла, и само со едно реми), тој се етаблираше како иден лидер на националната селекција. Воедно, на својот актуелен рејтинг од 2360 поени тој сега ќе додаде нови 33 освоени на Олимпијадата.

Откако го започна турнирот со уверливи победи против послабо рангираните селекции, во четвртото коло тој ремизираше со холандскиот велемајстор Јорден ван Форест (2696 рејтинг, триесет и петторангиран во светот), а за да влезе во игра за медал, пресудни беа победите над ВМ Јаник Пелетие (2526) од Швајцарија и над ВМ Каспер Пиорун (2599) од Полска.

„Многу сум среќен што успеав да освојам медал. Имав голема поддршка од тимот. Голема благодарност и до мојот тренер, ВМ Трајко Недев, кој ме подготвуваше за време на турнирот, и до мојот клуб ШК Алкалоид, кој секогаш ме поддржува“, изјави Тони Лазов.

Со овој успех 24-годишниот Лазов се приклучува кон „клубот на медалисти“, во кој досега беа тројца негови колеги од ШК Алкалоид: ВМ Драгољуб Јаќимовиќ има златен медал од Олимпијадата во Истанбул 2000 година на третата табла, ВМ Трајко Недев има бронза од Олимпијадата во Ереван 1996 година на четвртата табла, додека, пак, единствената дама во ова друштво е Весна Секуловска, чиј медал е освоен на Европското екипно првенство во Пловдив 2003 година, сребро на втората табла. Воедно, неговиот тренер ВМ Трајко Недев е единствениот кој има и сребрен медал од ЕП 2003 година, освоен на третата табла, и сребрен од Светското првенство за шахисти над 50 години 2023 година, на втората табла.

Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.

ИМ Тони Лазов беше единствениот член на ШК Алкалоид во составот на машката репрезентација на Македонија на оваа 45. Шаховска Олимпијада во Будимпешта. Тимот го стартуваше турнирот како 62-рангирана екипа, а во конечниот пласман заврши на 61. место од 188 екипи кои настапија. Репрезентативците имаа 6 победи и 5 порази и освоија 12 бода, еден повеќе од женската екипа.

Женската репрезентација беше 57-рангирана, а заврши на 77. место од 169 екипи славејќи 4 победи. Три средби завршија со поделба на поенот, а доживеа и 4 порази.

Scroll to Top