Прага ги забрани ноќните туристички обиколки во баровите: „Не ги сакаме тие што доаѓаат да се опијанат“

Прага ги забрани турите во барови организирани од туристички компании, во обид да ја спречи бучавата што ја создаваат пијаните туристи, пренесува Политико.

Забраната, која ја усвоија градските советници, значи дека вечерните обиколки во баровите и пабовите каде што туристичките групи ги обиколуваат просториите веќе нема да бидат можни меѓу 22 часот и 6 часот наутро, јавуваат чешките медиуми.

Во предлогот на градот се наведува дека „неразумното консумирање алкохол и однесувањето во пабови може да создаде впечаток на недостаток на култура во заедницата, да го намали чувството на сигурност и да има негативно влијание врз перцепцијата на градот од страна на туристите, потенцијалните инвеститори и граѓаните“.

Заменик-градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, им рече на новинарите дека „нема да биде можно да се организираат тури со водич навечер“, додека неговиот колега, исто така заменик-градоначалник Јиржи Поспишил, рече дека градот „бара покултурни и богати туристи, а не оние кои доаѓаат само на кратко да се опијанат“.

Жителите на центарот на Прага долго време се жалат на бучава и несигурност поради масовниот туризам. Улиците се полни со пабови и пивски сали во земјата која бележи најголема потрошувачка на пиво по глава на жител во светот.

Scroll to Top