Истражувањето што беше спроведено и кое ги даде овие резултати не пронајде слична врска помеѓу брачниот статус и телесната тежина кај жените.
Оженетите мажи имаат повеќе од три пати поголема веројатност да бидат со прекумерна тежина или дебели во споредба со нивните неоженети врсници, според студијата на Полскиот национален институт за кардиологија (NIKard).
Истражувачите анализирале податоци од 2.405 луѓе со просечна возраст од околу педесет години. Тие откриле дека оженетите мажи имаат 3,2 пати поголем ризик од прекумерна тежина во споредба со неоженетите мажи.
Студијата, исто така, потврди дека веројатноста за дебелина се зголемува со возраста – за три проценти годишно кај мажите и четири проценти годишно кај жените.
Додека брачниот статус немал ефект врз телесната маса кај жените, истражувачите забележале дека други фактори играле улога. Телесната тежина на жените често се поврзувала со депресија и нивото на знаење за здрав начин на живот.
„Жените се посклони да преземаат мерки за контрола на нивната телесна тежина, што може да биде мотивирано од внатрешна мотивација и социјален притисок“, рече д-р Алиција Циха-Миколајчик, PR на истражувачкиот тим.
Од друга страна, веројатните причини зошто мажите се здебелуваат во бракот се повеќекратни и најчесто се поврзани со промени во животниот стил, психолошки фактори и промена на приоритетите по бракот.
Бракот често го намалува нивото на физичка активност, мажите во стабилна врска можат да ја изгубат мотивацијата за одржување на идеална телесна тежина, бидејќи повеќе не чувствуваат потреба за привлечност во контекст на барање партнерка. Покрај тоа, бракот носи и нови извори на стрес – деца, работа, финансии – што кај некои мажи поттикнува емоционално јадење и прекумерна консумација на храна како начин за справување.
Институтот истакнува дека дебелината е еден од десетте клучни фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања во нивната иницијатива „10 за срцето“, предводена од проф. Пјотр Доброволски.
Иницијативата вклучува мерливи здравствени индикатори како што се крвен притисок, холестерол, ниво на гликоза и телесна тежина, како и навики на живот, вклучувајќи здрава исхрана, избегнување тутун и алкохол, квалитетен сон, управување со стресот и редовна физичка активност.
Дебелината е хронична болест
„Вишокот телесна тежина придонесува за развој на повеќе од двесте различни болести, вклучувајќи срцеви заболувања и рак. Дебелината е хронична болест со сложени причини, вклучувајќи лоша исхрана, недостаток на физичка активност, генетски предиспозиции и стрес. Она што им дава дополнителен интерес на нашите најнови резултати е врската помеѓу дебелината и бракот кај мажите“, рече проф. Александар Прејбиш, раководител на Одделот за епидемиологија и промоција на здравјето во NIKard.
Фото: принтскрин