Маж од германскиот град Оснабрик доживеал вистински кошмар кога останал заглавен во лифтот од сопствениот семеен дом – цели 96 часа, без храна, вода и можност да повика помош.
Полицијата потврди дека инцидентот се случил во јули, но деталите беа објавени дури неодамна. Иако неговиот идентитет и точната возраст не се откриени, познато е дека човекот е во своите седумдесетти години.
Не е јасно зошто неговата семејна куќа има лифт, бидејќи според полицијата, мажот не бил лице со посебни потреби.
На фотографијата направена во лифтот се гледа очајот во кој се наоѓал – панелите на кабината биле искинати, а металните компоненти искривени, очигледно во обид да излезе или барем да привлече внимание.
Како што наведува полицијата, мажот немал мобилен телефон со себе, а поради дефект на осигурувачот не работело ниту копчето за итни случаи. На крајот, животот му го спасил неговиот син, кој по неколку дена без контакт со татка си, повикал полиција.
На местото веднаш биле испратени двајца полицајци, кои по пристигнувањето слушнале слаб глас од внатрешноста на лифтот. Несреќниот маж бил дехидриран и целосно исцрпен, по што веднаш бил пренесен во болница.
Според медицинските проценки, човечкото тело може да преживее без вода три до пет дена, во зависност од условите.
Кон крајот на август, откако закрепнал и се вратил дома, човекот ги поканил полицајците на кафе за лично да им се заблагодари.
Тогаш им рекол: „Како љубител на брзи автомобили, никогаш не ја сакав полицијата – но тогаш бев пресреќен што слушнав глас од вас.“
Полицајците на ова одговориле со доза хумор, па на својот официјален „Инстаграм“ профил напишале:
„Без разлика дали сте пријател на полицијата или не – ние сме тука за сите вас.“