Котевска: Тоа што National Geographic го откупи мојот филм е остварување на најголемиот сон

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најпрестижните светски дистрибутери на документарни остварувања.

Со тоа, првпат македонски филм влегува во глобалниот каталог на National Geographic и ќе биде достапен во над 170 земји, вклучително и на платформата Disney+.

Покрај договорот со National Geographic, британскиот дистрибутер Dogwoof ги откупи правата за прикажување во Австралија, Јапонија и Полска. Dogwoof стои зад бројни добитници на Оскар и Бафта.

„Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература… Сега, кога таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон,“ изјави Котевска. „Тоа е потврда дека филмот има веродостојност и светска релевантност, но и обврска за сериозна работа во следната фаза на оскаровската трка.“

Филмот е воедно и годинашен македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар интернационален филм. Претходно ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на фестивалот во Венеција, и беше прикажан на престижниот фестивал во Торонто.

„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор, која ја раскажува нежната врска меѓу земјоделец и повреден штрк – симболична приказна за опстанок, надеж и човечка поврзаност.

Филмот доби силни пофалби од светската критика. IndieWire го нарече „болно прекрасен“, The Hollywood Reporter – „апсолутен шармер“, а Moderntimes Review истакна дека станува збор за „поетско достигнување со моќна визуелна резонанца“.

Scroll to Top